Диомидовите Острови – местото каде може да патувате низ времето
оригинално објавено на: 13.01.2018
Дали знаeте дека постојат два острови каде може да патувате низ времето? На средината на Беринговиот Проток помеѓу Чукотка и Алјаска, постојат два изолирани и карпести острови, Голем Диомид и Мал Диомид, острови кои меѓусебно се оддалечени околу 4 километри, но со временска разлика од околу 21 час. Оваа разлика од речиси еден ден постои поради меѓународната временска граница кој минува помеѓу двата острови но и руско-американската демаркациона линија. Големиот Диомид (или Ратмановиот остров) ѝ припаѓа на Русија, додека Малиот Диомид ( или Крузенштернов остров) на Соединетите Американски Држави.

Меѓународната граница помеѓу изолираните острови е повлечена во 1867 година кога Русија ја продала Алјаска на Соединетите Американски Држави. Тогаш автохтоното население се нашло во несекојдневна ситуација. Имено, на островите времето било исто, но датумите биле различни, бидејќи на неколку минутна пловидба, пристигнувате на Малиот Диомид, остров каде сè уште е вчера. Поради оваа занимливост, островите се наречени „Островот Утре“ и „Островот Вчера.“
Двата острови се рамни, стрмни и изолирани, опкружени со бурни мориња и постојана магла што ги прекрива островите за време на летните месеци. Во текот на зимата, бројни замрзнати парчиња формираат леден мост кој ги спојува Големиот и Малиот Диомид. Тогаш се формира привремена „копнена“ граница помеѓу Русија и САД, што практично може со пешачење да се премини од една кон друга држава, или да ПАТУВАТЕ НИЗ ВРЕМЕТО, каде буквално може да се вратите во вчерашниот ден или појдете до утрешниот ден. Се разбира, ова е само во теорија, бидејќи преминувањето на Беринговиот Проток не е законски дозволено.
Само Ескимите како автохтони жители кои биле првично населени пред околу 3.000 години, можат слободно да минуваат од остров на остров. Тие живееле тука и кога до островите допловил првиот Европеец, рускиот морепловец Семјон Дежнов во 1648-ма година. Пред започнувањето на Студената Војна, двата острови биле населени, но со текот на времето, тогашниот СССР го пренесува населението во континенталниот дел на Русија, оставајќи го Мал Диомид во САД како единствен населен остров со околу 135 ексими кои се постојани жители. Ескимите на островот живеат егзистенцијален начин на живот, преку риболов и собирање на рак, лов на белуга китови, моржови, фоки и поларни мечки.


На островот Мал Диомид, единствено може да се пристапи со хеликоптер или приватен брод, бидејќи пристаниште не постои поради опасност од секојдневните високи бранови. Аеродром не постои, иако има летна земјена писта која овозможува слетување на мали авиони, додека островот Голем Диомид претставува руска воена база.
Извори:
www.mk.rbth.com
www.amusingplanet.com
www.atlasobscura.com
www.wdl.org
Автор: Арсе Кузманоски