21 January 2025
АрхиваВселена

Десетте најдобри слободни софтвери за далечинска детекција!

оригинално објавено на 13.02.2017

Последните десетина години, речиси нема подрачје на просторни анализи, во кое не се користи далечинската детекција (remote sensing) на сателитски снимки, аеро-снимки, дигитални модели и сл. Во таа смисла, се зголемува и бројот на разни софтверски апликации кои се достапни како комерцијални или слободни продукти. Софтверските пакети за далечинска детекција, најчесто се слични со графичките софтвери, со таа разлика што овозможуваат обработка на податоци добиени со далечинска детекција, односно генерирање на географски информации од далечински сензори и инструменти. Вака ориентираните софтвери подржуваат специјализирани формати на фајлови кои содржат податоци од сензорски слики. Некои од најкористените формати на фајлови за далечинска детекција се: GeoTIFF, NITF, JPEG 2000, ECW итн. Споменатите софтвери извршуваат многу функции меѓу кои: детекција на промени на слики од иста област во различен временски интервал, орторектификација, анализа на спектри, класификација на слики според категоризација на пиксели, филтрирање и слични функции.

Денес се достапни доста солидни слободни софтвери, кои во поглед на можностите ги достигнуваат комерцијалните и се добра замена за истите. Некои од најдобрите слободни софтвери за далечинска детекција се следниве:

1. SAGA GIS (System for Automated Geoscientific Analyses; https://sourceforge.net/projects/saga-gis) се наоѓа на врвот на листата поради неколку аспекти. Најпрво, овој софтвер работи на Windows и на Linux оперативните системи. Добриот софтверски интерфејс овозможува обработка на слики и анализа на просторните податоци што ја прави SAGA GIS идеална за повеќето потреби на далечинска детекција и ГИС. Од голема корист се брзите и сигурни обработки на растери, но и големиот број на модули кои се достапни на корисниците на овој софтвер. Всушност, со секоја нова верзија (на 3-4 месеци), се развива нова група на модули, а некои од нив се доста корисни за разни анализи, пресметки или приказ на податоци.

2. GRASS GIS (Geographic Resources Analysis Support System; https://grass.osgeo.org/download) е софтвер кој постои веќе 30 години. Неговата долгогодишна користеност и широка примена во полето на далечинска детекција, се должи на големиот број на функции како што се: класификација на сликите, детекција на рабови, радиометриски корекции, статистички анализи, филтрирање, прикажување во 3Д и други. Исто така, меѓу клучните функции се вбројува обработката и анализите на податоците добиени со LIDAR (Light Detection And Ranging). Оваа функција опфаќа филтрирање на точки добиени со LIDAR, креирање контури и генерирање на дигитални висински модели (Digital Elevation Model-DEM).

3. ORFEO Toolbox (Optical and Radar Federated Earth Observation; https://www.orfeo-toolbox.org) софтверот е развиен како резултат на соработка на Италија и Франција, а истиот конкретно е наменет за висока просторна резолуција. Овој софтвер располага со широка лепеза на детекциски функции меѓу кои како најзначајни се: сегментација, класификација и филтрација на слики, потоа детекција на промени низ временски периоди како и анализа на слики базирани на објекти (object based images), функција ретка за денешните софтвери.

4. PolSARPro (https://earth.esa.int/web/polsarpro/download) наоѓа голема примена кога станува збор за обработка на SAR податоците. Овие податоци ги добиваме од сателитските радари ENVISAT-ASAR, ALOS-PALSAR, RADARSAT-2 и TerraSAR-X. Самиот софтвер располага со голем број на алатки за внесување, конверзија, филтрирање декомпозација и калибрирање на податоците. Исто така, важно е да се напомене дека PolSARPro нуди рамка за обработка на графичките податоци и автоматизирање на процесот, нешто налик на моделаторот во ArcGIS. Севкупно, PolSARPro е високо софистициран софтвер за далечинска детекција кој кога станува збор за обработка на податоци добиени од сателитски радари е незаменлив.

5. Opticks е еден од софтверите кој располага со голем број опции, што се должи на долгата листа на екстензии кои може да се додадат. Додатоците кои може да се преземат овозможуваат растерска математика, растерско процесирање и многу други функции кои го вметнуваат овој софтвер меѓу најдобрите.

6. InterIMAGE (http://www.lvc.ele.puc-rio.br/projects/interimage) е проект воден од Бразилскиот институт за вселенски истражувања и претставува екстензија на Geo AIDA софтверскиот систем. InterIMAGE е специализиран софтвер за автоматска конструкција на интерполација и истата се базира врз модел на предзнаења дефинирани од корисникот, најчесто специјалист од областа. Овие предзнаења за податоците се структуирани во семантична мрежа чии што јазли претставуваат концепти и класи на објекти на слики, очекувани во добиените резултати. Останати функции кои се достапни во овој софтвер се: издвојување на објекти во слики и пресметување на спектрални, геометриски, тополошки и текстурни својства, потоа моделирање на податоците базирани врз искуството на корисникот и финално процесирање на истите и визуелно претставување на добиените резултати за интерполацијата на сликите.

7. OSSIM (Open Source Software Image Map; https://trac.osgeo.org/ossim) е софтвер за далечинска детекција развиван низ временски период од 20 години од страна на институтите за разознавање и одбрана на САД. OSSIM има високи перформанси, но пред се се користи за детектирање со користење на слики со висока просторна резолуција, а истиот како клучна функција ја има компатибилноста со преку 100 растерски и векторски формати како и преку 4000 различни проекции и датуми. Покрај големиот број на формати и проекции, овој софтвер подржува и голем број на сензори.

8. E-foto (https://sourceforge.net/projects/e-foto) е софтвер кој се користи за дигитална фотограметрија, така што и самите функции на софтверот опфаќаат процеси од фотограметријата. Американската организација за фотограметрија и далечинска детекција ја дефинира фотограметријата како снимање, мерење и интерпретација на фотографските слики и на снимената зрачна електромагнетна радијација, како и на други елементи. Како најзначајни функции на софтверот се истакнуваат: фототриангулација, стереоскопско моделирање, издвојување на дигитални висински модели (DEM), теренски корекции. Иако бесплатен, софтверот вклучува низа на вежби и примери за влез во светот на фотограметријата.

9. ILWIS (Integrated Land and Water Information System; http://www.ilwis.org) е софтвер првично развиен за потребите на разни истражувачи и студенти. Истиот опстојува преку 25 години со голем број на преземања, иако од неодамна се вбројува во бесплатни софтвери. Високата практичност и компатибилност со растерски и векторски формати го прави ILWIS еден од главните избори кога станува збор за далечинска детекција.

10. QGIS (Quantum GIS; http://download.qgis.org) е Географски Информациски Систем со отворен код, кој во голема мера ги заменува комерцијалните софтвери како ArcGIS. Проектот се развил во мај 2002 и бил воспоставен како проект на SourceForge во јуни истата година. Овој софтвер на своите корисници им овозможува визуелизирање, анализирање и толкување на просторните податоци. Главна причина за успехот на QGIS е големиот избор на додатоци напишани во Python и C++ кои го прошируваат полето на можности на овој софтвер. Покрај картирањето во голем број на слоеви (layers), користејќи различни проекции, додатоците овозможуваат и разни манупулации со растерите и векторите односно анализи, интерполации и моделирања. QGIS тековно работи на повеќето Unix платформи, Windows и OS X.

Повеќето од наведените софтверски пакети се користат и на Институтот за географија – насока ГИС, особено по предметот „далечинска детекција“, при што студентите се запознаваат со основната функционалност и можностите што ги нудат истите.


Извори:

  1. http://gisgeography.com/
  2. https://fromgistors.blogspot.com
  3. http://geo-matching.com/
  4. http://www.hexagongeospatial.com/

Изработиле: Тодороски Мартин (4-та година ГИС) и д-р Ивица Милевски