Десетте најголеми пустини во светот
оригинално објавено на: 11.12.2017
Пустина претставува површина на која во текот на годината има многу мали количини на врнежи од дожд, односно, помалку од 250 mm. Покрај количината на врнежи, постојат и неколку други фактори според кои се класифицираат пустините, меѓу кои и просечната температура, причините за опустинување (десертификација), како и географската положба. Денес, околу 1/3 од копнената површина на Земјата се смета за сува или полу-сува.
Поради неповолните услови за живот на растенија и животни, ваквите површини најчесто се неплодни. Сепак, во пустините има одреден животиснки и растителен свет, а животните и растенијата кои може да се сретнат во пустините се специјално адаптирани на таквите услови. На пример, камилите со денови можат да издржат без храна и вода. Некои растенија пак, развиле длабоки корени за да црпат вода од подземјето.
Постојат повеќе класификации за видовите на пустините, меѓутоа како основни видови на пустини се сметаат следните:
- Жешки и суви пустини
- Полу-суви пустини
- Крајбрежни пустини
- Ледени или поларни пустини
- Во продолжение се претставени десетте најголеми пустини во светот.
Во продолжение се претставени десетте најголеми пустини во светот.
10. Пустината на Големиот Басен – 492.000 km2
Оваа пустина е најголема во САД. На исток се граничи со Карпестите Планини, на запад со масивот Сиера Невада, со Сонорската Пустина и пустината Мохаве на југ, а на север се граничи со Колумбиското плато. Пустината се карактеризира со жешки и суви лета и ладни и снежни зими. Овде, во текот на годината просечно паѓаат по околу 250 mm дожд.

9. Сириска Пустина – 520.000 km2
Сириската Пустина се состои од вистинска пустина и од степа. Оваа пустина се наоѓа во северниот дел на Арапскиот Полуостров, односно во Сирија, а зафаќа и делови од Јордан, Ирак и Саудиска Арабија. Пустината е рамна, но карпеста. Пејзажот е формиран од лавински текови кои потекнуваат од влукански активности во регионот Џабел Друзе во Сирија.
8. Патагонска Пустина – 620.000 km2
Патагонската Пустина е најголема пустина во Јужна Америка. Најголемиот дел на пустината се наоѓа во Аргентина, а помал дел од површината е распространет и во Чиле. Оваа пустина е ограничена со Атланскиот Океан на исток и Андите на запад. Што се однесува до климата, овде, највисоката температура достигнува до 12°C, а просечната температура изнесува само 3°C. Исто така, пустината е релативно ветровита.
7. Голема Викториина Пустина – 647.000 km2
Големата Викториина Пустина е најголемата пустина во Австралија. Пустината е ретко населена, а за неа карактеристични се бројните песочни ридови. Бурите пропратени со грмотевици се доста чести во оваа пустина, односно, годишно има околу 15-20 вакви бури. Во лето температурата се движи помеѓу 32-40°C, а во зима опаѓа до околу 20°C. Количината на врнежи варира од година во година, но генерално е ниска, а се движи помеѓу 200-250 mm годишно.

6. Калахари – 900.000 km2
Калахари е голема, полу-сува савана во jужниот дел на Африка. Најголем дел од површината на оваа пустина се наоѓа на територијата на Боцвана, а опфаќа делови и од Намибиа и Јужноафриканска Република. Оваа пустина има голема површина прекриена со црвена песок, без постојани површински водни текови. Оттука потекува и името, кое доаѓа од зборот “Kgalagadi”, што во слободен превод би значело „безводно место“. Единствена постојана река во пустината е реката Okavango (1.600km).
5. Гоби – 1.000.000 km2
Пустината Гоби е лоцирана во Азија, поточно таа е распространета во јужниот дел на Монголија и северниот и северозападниот дел на Кина. Гоби припаѓа на групата пустини „позади планини“, каде што преовладува ефектот на „дождовна сенка“. Во овој случај, Хималаите ги блокираат дождовните врнежи кои доаѓаат од Индискиот Океан (ефект „дождовна сенка“). Најголемиот дел од површината на Гоби не е песоклива, туку преовладуваат изразени голи карпи. Гоби е ладна пустина, со мраз и со повремен снег на дините. Ветровите кои доаѓаат од сибирските степи предизвикуваат температура од – 45°C во зима. Во лето температурата достигнува до 40°C.

4. Арабиска Пустина – 2.330.000 km2
Арабиската Пустина се наоѓа во западниот дел на Азија, со што го покрива најголемиот дел од Арапскиот Полуостров. Центарот на пустината, Rub ’al-Khali, познат и како „Празниот кварт“, е најголемото континуирано песочно тело во светот. За пустината е карактеристична многу сува клима и многу висока температурата во текот на денот, а ниска температура во ноќта. Годишните врнежи од дожд, просечно изнесуваат околу 100 mm, но во најсушните делови тие се движат помеѓу 30-40 mm.
3. Сахара – 9.000.000 km2
Сахара е трета најголема пустина во светот и најголема „жешка пустина“. Таа е распространета на териториите на Мавританија, Мароко, Алжир, Тунис, Либија, Египет, Судан, Чад, Нигер и Мали. Температурите достигнуваат и до 56°C на сенка, а средното количество на врнежи е помалку од 70 mm, при што во највлажните реони може да падне дожд дури два пати неделно и потоа со години да нема ниту капка.
Од животинскиот свет, во Сахара успеваат да преживеат газелите, антилопите, чакалите, како и камилите кои се основно транспортно средство. Од растителниот свет најмногу се одгледуваат урми и пченка.
Оазите во Сахара зафаќаат многу мал дел во однос на вкупната површина, односно, околу 200.000 km2.

2. Арктик – 13.985.000 km2
Оваа пустина го зафаќа регионот „Северен Пол“. Распространета е низ повеќе држави, и тоа, Алјаска (САД), Канада, Финска, Гренланд (Данска), Исланд, Норвешка, Русија и Шведска. Овде, врнежите најчесто се снежни, а температурите во зима паѓаат и до – 40°C. Карактеристични се силните ветришта, кои го разоруваат снегот, при што создаваат излузија на постојани врнежи од снег. Арктикот е доста погоден од климатските промени. Сѐ почесто се забележува намалување на мразните површини, како резултат на глобалното затоплување, што во иднина ќе има влијание врз климата на глобално ниво.
1. Антарктичка Пустина – 14.000.000 km2
Антарктик е континент на Земјата кој се наоѓа околу Јужниот Пол. Станува збор за најсувиот, најветровитиот и најстудениот континент. Исто така, Антарктик има најголема просечна височина. Поради слабите врнежи од дожд, од околу 200 mm годишно, целиот континент се смета за пустина. Температурите се доста ниски, па така во зима достигнуваат и до – 89°C, а во лето до 15°C, но само на крајбрежните делови. Од овие причини таму нема постојани жители, а бројот на привремени жители се движи од 1.000 – 5.000, најчесто истражувачи.
Извори:
geology.com
nationalgeographic.com
ucmp.berkeley.edu
worldatlas.com
Автор: Антонио Трајков