Десетте најголеми мега-региони
Вообичаено, кога се зборува за развиеноста на економијата ширум светот, најчесто е претставена по држави. Во таа смисла, вреднување на економската моќ на државите е според бруто домашниот производ (БДП). На оваа тема, денес, актуелна е дебатата на експертите за тоа кога Кина ќе ги престигне САД како најголема економија.
Но, од друга страна националните економии не ја отсликуваат реалноста на денешните процеси на глобализација и развој на специфични економии на одредени делови од светот. Сè поголемо значење имаат споените големи градови со нивните пошироки околини кои се нарекуваат мега-региони.
За прв пат овој термин се среќава во 1961 година кога економскиот географ Жан Готман го промовира терминот „мегалополис“ за да го опише регионот кој се протегал од Бостон до Вашингтон. Од тогаш, овој термин сè повеќе се користеше за овој тип на региони ширум светот.
Достапноста на ноќните сателитски снимки претставуваат алатка со која може лесно да се идентификуваат мега-регионите. Како извор на ваков вид податоци предничат сателитските снимки произведени од NOAA (Национална управа за океани и атмосфера, САД).
За една територија да биде окарактеризирана како мега-регион треба да ги исполнува следниве критериуми:
– да имаат светлина во текот на ноќта која поврзува минимум два постоечки мегаградови,
– да имаат повеќе од пет милиони жители и
– да креираат економска моќ поголема од 300 милијарди $.

Извор: Reddit
Водени од претходните критериуми во светот дефинирани се 29 мега-региони и тоа:
– 11 во Азија,
– 10 во Северна Америка,
– 6 во Европа,
– 1 во Африка и
– 1 во кој се протега на континентите Азија и Африка.
Во продолжение следи табела со најголемите мега-региони во светот според нивната економска моќ прикажана во милијарди долари.
Табела 1. ДЕСЕТТЕ НАЈГОЛЕМИ РЕГИОНИ ВО СВЕТОТ
Мегарегион | Градови | Население (во милиони) | Економска моќ (во милијарди $) |
Бос-Ваш | Њу Јорк, Вашингтон, Бостон | 47.6 | 3650 |
Пар-Ам-Мин | Париз, Амстердам, Брисел, Минхен | 43.5 | 2505 |
Чи-Питс | Чикаго, Детроит, Кливленд, Питсбург | 32.9 | 2130 |
Пошироко Токио | Токио | 39.1 | 1800 |
ЈуКал | Лос Анџелес, Сан Диего | 22.0 | 1424 |
Сеул-Сан | Сеул, Бусан | 35.5 | 1325 |
Тексасски триаголник | Далас, Хјустон, Сан Антонио, Остин | 18.4 | 1227 |
Пекинг | Пекинг, Тјенџин | 37.4 | 1226 |
Лон-Лид-Честер | Лондон, Лидс, Манчестер | 22.6 | 1177 |
Бос-Ваш е најголемиот мега-регион во светот со речиси 50 милиони луѓе, креирајќи економско производство од речиси 4 трилиони долари. Доколку овој мега-регион беше суверена држава, економијата ќе беше пласирана на седмата позиција во светот, односно поголема од онаа на Обединетото Кралство или Бразил.

Извор: Reddit
Пар-Ам-Ман е најголем мега-регион во Европа во кој живеат 44 милиони луѓе, неговата економија генерира 2,5 трилиони долари, приближно исто колку што креира Мексико или повеќе од Италија, што е еквивалентно на шестата по големина економија во светот.

Извор: Reddit
Чи-Питс е втор по големина на северноамериканското копно со вкупно 50 метро големи и мали градови во кои живеат повеќе од 30 милиони луѓе. Овој мега-регион креира повеќе од 2 трилиони долари, што е приближно на економијата на Јужна Кореја.
Големото Токио е најголемиот мега-регион во Азија, кој креира нешто помалку од 2 трилиони долари и во него живеат речиси 40 милиони луѓе. Неговата економија е споредлива со шпанската и поголема од канадската.

Извор: Reddit
ЈуКал се протега од Лос Анџелес до Сан Диего, во него живеат повеќе од 20 милиони луѓе и креира речиси 1,5 трилиони американски долари, што е приближно со економското производство на Австралија.
Литература:
Amekudzi, A. A., Banerjee, T., Barringer, J., Cmapbell, S., Contant, C. K., Doyle, J. L. H., … & Woo, M. (2012). Megaregions: Planning for global competitiveness. Island Press.
Dewar, M., & Epstein, D. (2007). Planning for “megaregions” in the United States. Journal of Planning Literature, 22(2).
Gottmann, J. (1961): Megalopolis: The Urbanized Northeastern Seaboard of the United States. New York: The Twentieth Century Fund.
Harrison, J., & Hoyler, M. (Eds.). (2015). Megaregions: Globalization s New Urban Form?. Edward Elgar Publishing.
Nelson, G. D., & Rae, A. (2016). An economic geography of the United States: From commutes to megaregions. PloS one, 11(11).
Wheeler, S. (2009). Regions, megaregions, and sustainability. Regional Studies, 43(6).
https://www.weforum.org/agenda/2019/09/ranked-megaregions-driving-global-economy/
Автор: доц. д-р Владимир Златаноски