27 March 2025
АктивностиАрхива

Демографија – наука за населението и предизвик за 21-виот век!

оригинално објавено на 9.07.2016

Динамичните демографски процеси, сложеноста на прашањата кои се поврзани со населението и неговиот развиток на национално ниво, во регионални и светски рамки, ја налагаат потребата од нивно проучување и изнаоѓање на конкретни решенија. Во услови кога Република Македонија подолг временски период се соочува со намалување на стапките на наталитет и природен прираст, зафатена со процесот на демографско стареење на населението, одлив на младо работоспособно и на репродуктивна возраст население, со поларизираност во просторната разместеност на населението и негова поголема концентрација во урбаните населби, раселување на дел од селските населби и друго, како неминовност се јавува потребата од посветување на поголемо внимание на оваа проблематика. За познавање на демографските процеси и насочување на демографскиот развиток неминовни се детални и систематски проучувања, базирани на современ научен пристап и примена на современа методологија. За да може сето тоа да се реализира на високо професионално ниво, еден од примарните предуслови е стручно оспособен кадар на кој му се познати законитостите на развојот на населението, а тоа е високостручен кадар од областа на демографијата.

Во Република Македонија во високото образование демографските прашања се вклучени во рамките на одредени студиски програми. На студиите на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, отсекогаш имало предмети кои се однесуваат на населението и населбите: географија на население, географија на населби, урбана географија, рурална географија, население на Република Македонија итн.

Следејќи ги современите потреби на општеството, повеќедецениската традиција на проучување на населението, имајќи го во предвид кадровскиот потенцијал и просторните услови, Институтот за географија се јави како матична институција за формирање на студии по демографија, насока која како комплетна четиригодишна студиска програма воопшто не беше застапена на високото образование во државата. Додипломските студии стартуваа во учебната 2010/2011 година кога се запиша првата генерација демографи.

На студиската програма по демографија, основна цел е создавање на стручен и научен кадар кој има компетенции од областа на демографијата. Студентите преку наставата, теренските истражувања, посета на институции, практична работа и проектно ангажирање се стекнуваат со трајни знаења и способности од областа на демографијата кои се практично применливи. Во текот на студирањето студентите ги развиваат вештините кои водат кон идентификување на конкретни демографски процеси, нивно темелно проучување преку анализа и пронаоѓање на можни решенија кои би довеле до посакувана насока во демографскиот развиток. Студиите нудат стекнувањnaucen sobir Belgrad 2016 002е со знаење и разбирање за причините, тековите и особеностите на природното движење, биолошките, социо-економските структури и миграциските движења на населението и осознавање на истите во функција на причинители за општествените збиднувања во минатото, сегашноста и иднината. Студентите по демографија стекнуваат знаења за важноста на населението во севкупните политички, просторни, економски делувања во земјава и воопшто во Светот. На студиите се развива разбирање за важноста од креирање популациска политика и стекнуваат знаења за правилно управување и менаџирање на човековите ресурси.

Во текот на студирањето се оспособуваат да ги истражуваат компонентите на развојот на населението, да вршат нивна класификација и систематизација, да формираат комплетна претстава за популациските атрибути на просторот и истовремено да создаваат причинско-последична анализа на состојбите. Демографите ги следат и истражуваат демографските промени во населбите како просторна материјална, духовна и економска реализација на населението.Студентите се оспособуваат за теренски истражувања и прибирање на изворни материјали за населението, нивна анализа (со математичко-статистички географски, информатички, картографски методи) и извлекување на соодветен заклучок и адекватни проценки. Демографите проектираат постапки за решавање на тековни проблеми од областа на демографијата во академски или проектантски истражувања во функција на подобрување на постоечките состојби. По завршувањето на студиите дипломираните демографи се стручно подготвени да се вклучат во истраживачката и применетата дејноста, стручно и на научен план да го проучуваат населението и законитостите на неговиот развиток, да ги следат процесите кои се случуваат, да ги согледуваат последиците и да може да го насочуваат демографскиот развиток.

Оформениот кадар, благодарение на компетенциите кои ги стекнува, може да најде свое место во рамките на повеќе институции во Република Македонија на државно и локално ниво, истражувачки центри кои се поврзани со проучување на населението и слично. Во продолжение ќе наброиме дел од нив: Државниот завод за статистика и Одделите за статистика во рамите на секоја општина или поголемо населено место кои собираат и публикуваат податоци за населението, институции кои се занимаваат со проучувања и анализи на населението и населбите, институции кои се одговорни за градење на стратегии за развој на различни нивоа, изготвување на плански документи за развој на одредени територијални единици, планирање на развојот, социјални политики, семејна и популациска политика и друго, владините органи, невладиниот сектор, останати домашни и меѓународни организации и институции.

Бројните демографските прашања се вистински предизвик за многу истражувачи. Добредојдени се сите идни студенти кои демографијата ја гледаат како избор за својот професионален развој.

Проф. д-р Мирјанка Маџевиќ

Раководител на студиската програма по Демографија