Дали Македонија има Нобеловец?
Под Нобелова награда се подразбира која било од наградите од вкупно пет категории што се доделуваат годишно од фондот што за таа цел го оставил шведскиот хемичар, инженер, пронаоѓач и стопанственик Алфред Нобел. Нобеловaта награда, на светско ниво, се смета за најпрестижна награда која се доделува за интелектуален придонес.
Алфред Нобел починал во декември 1896 година, зад него оставајќи огромно богатство. Но, во својот тестамент, Нобел прецизирал дека сето тоа треба да биде вложено во сигурни хартии од вредност, и да претставува фонд кој годишно ќе се распределува во вид на награди на оние кои во текот на претходната година му донеле најголема корист на човештвото. Во тестаментот биле прецизирани критериумите кои треба да бидат запазени и областите во кои треба да се доделуваат тие награди – физика, хемија, медицина или физиологија, литература, и награда за мир. Петтата категорија, односно наградата за економија е воведена во 1968 година, од страната на Банката на Шведска.
Првата Нобелова награда е доделена на 10 декември 1901 година, точно на 5 годишнината од смртта на Нобел, и од тогаш па наваму, наградата се доделува на тој датум секоја година во Стокхолм, главниот град на Шведска, додека Нобеловата награда за Мир се доделува во Осло, Норвешка. Помеѓу 1901 и 2023 година, се доделени 621 Нобелова награда на 1000 луѓе и организации. Некои луѓе ја добиле наградата повеќе од еднаш.
Во 2023 година, Нобеловата награда за физика ја добија: Пиер Агостини (Франција), Ференц Краус (Унгарија) и Ан Л’Улие (Франција). Нобеловата награда за хемија ја добија: Монги Џ. Бовенди (Франција), Лоис И. Брус (САД) и Алексеј Јекимов (Русија). Лауреати во медицина се: Каталин Карико (Унгарија) и Дру Вајсман (САД), додека литературен нобеловец е норвежанецот Јон Фосе. Клаудија Голдин од САД ја доби Нобеловата награда за економија, а Наргес Мохамади од ИР Иран е добитник на Нобеловата награда за мир поради нејзината борба против опресијата на жените во Иран и нејзината борба за промоција на човековите права и слободи.
Од Соединетите Американски Држави доаѓаат најголем број на лауреати – вкупно 411. Далеку зад САД, на второто место е Обединетото Кралство, со 137 добитници на Нобелова награда. Германија има 115, а Франција вкупно 75. Следува Шведска со 34, пред Руската Федерација (и самостојно и како наследник на СССР) со вкупно 30. Потоа следат: Јапонија 29, Канада 27, Швајцарија 25, Австрија 25, Холандија 22, Италија 21, Полска 19, Унгарија 15 итн. Бројките понекогаш можат да бидат за нијанса непрецизни, со оглед на тоа што една личност добила награда повеќе од еднаш, или пак, се јавува статистика за држава од каде што потекнува лауреатот, заедно со држава чие државјанство има.
Таков е пример и со распределбата на лауреати во нашето најблиско опкружување. Статистиката говори дека Југославија е земја која дала вкупно 2 Нобеловци: Иво Андриќ за литература (1961), Владимир Прелог за хемија (1975), а понекогаш се вбројува и реномираниот научник Леополд Ружичка, кој се смета како етнички Хрват, роден во Австро-Унгарија, а живеел и работел како државјанин на Швајцарија. Со оглед на тоа што Југославија како држава не постои, прилично е проблематично и допира низа идентитетски прашања кога се дискутира која од земјите наследници на Југославија може да се смета како земја која ги дала еден од трите југословенски лауреати.
Македонија е земја од каде што потекнува еден Нобеловец – Мајка Тереза, но покрај тоа, сè уште не се вбројува во земји кои имаат добитник на највисокото светско признание.
Референци:
Автори: доц. д-р Горан Китевски и доц. д-р Владимир Златаноски