15 July 2025
Свет

Дали би патувале по пат наречен „Патот на смртта”?

Поимот сообраќај потекнува од латинските зборови ‘trans’ што значи преку и ‘portare’ носи. Сообраќајот претставува движење на луѓе, добра, стоки и информации од едно до друго место. Познато е дека земјите што имаат добра сообраќајна мрежа се доста поразвиени од оние со минимален број на истата. Сепак во сите региони во светот постојат небезбедни патишта или глобално кажано ‘deadly roads’.

СЛИКА 1: Патот на смртта
Извор:  Discovery

Патот Северен Јунгас-Кочабамба или уште наречен ‘пат на смртта’ го поврзува боливискиот главен град Ла Паз со нискиот регион Јунгас во амазонската прашума. За да се стигне од едната до другата дестинација мора да се помине низ моќниот планински синџир на Кордиљерите. Почнувајќи од Ла Паз, највисоката престолнина во светот со надморска височина од 3.660 метри, патот на смртта прво се искачува на надморска височина од 4.650 метри на преминот Ла Камбре, а потоа стрмно се спушта до градот Короико на надморска височина од само 1200 метри. Овој пад од повеќе од 3.600 метри е еден од најдолгите протези на непрекинат спуст во светот.
Според некои проценки меѓу 200 и 300 луѓе годишно гинат на овие патишта, па неретко се сретнуваат и крстови околу самиот пат во чест на оние кои го загубиле животот во некоја од стрмните падини.

СЛИКА 2: Патот на смртта
Извор:  Pinterest

Работите да бидат уште полоши веројатно ќе се сретнете со групи велосипедисти долж овој пат. Интернет славата го претворила ова место во дестинација за ентузијасти за екстремни спортови. Неколку туроператори организираат вакви патувања. Цените се движат од околу 50 до 100 долари. За жал најмалку 13 велосипедисти загинале во различни несреќи последниве години.

СЛИКА 3: Патот на смртта
Извор:  VisitBolivia

Една од посветлите страни е што владата на Боливија се обидува да ја подобри безбедноста на патиштата, но изградбата на таков екстремен терен е скапа и бавна. Најсеверниот дел од патот е заменет со алтернативна рута со модерен и многу побезбеден автопат со две ленти. Овој пат привлекува и големо медиумско внимание, особено по шоуто “Top Gear,, и “World’s most dangerous roads,, на BBC.

Подготвил:
Теодора Петрушевска

Користена литература:
https://wanderwisdom.com/road-trips/10-Most-Dangerous-Roads-in-the-World
https://www.atlasobscura.com/places/north-yungas-road
https://www.discovery.com/exploration/Bolivia-Death-Road
https://www.visitbolivia.net/bolivia-guide/death-road.html