4 November 2024
АктивностиАрхива

Голема посетеност на денешниот семинар за наставници по географија!

оригинално објавено на: 21.3.2015

Согласно програмските активности, претседателството на Македонското географско друштво, денес, на ден 21.03.2015 година (сабота) во просториите на големиот „физички“ амфитеатар при Природно-математичкиот факултет во Скопје во терминот од 10 до 14 часот организира стручен семинар за наставниците и професорите по географија во основните и средните училишта. Семинарот беше наменет запознавање со тековните случувања и новини, како и за стручно усовршување на наставниците во основните и средните училишта во по предметот географија во Република Македонија.

Радува фактот што овој семинар беше меѓу најпосетените до сега, со преку 210 учесници од сите делови на Република Македонија, така што големата сала на Физичкиот амфитеатар беше речиси претесна да ги прими сите.

Слика 1.

Во првиот дел од семинарот, од страна на проф. д-р Благоја Маркоски наставниците беа запознаени со најновите измени во основното образование. Едната крупна измена, која во минатите денови силно одекна меѓу географите е отстранувањето на географските содржини од предметот Природни науки. Меѓутоа, од друга страна, многу пријатна беше веста за воведување на предметот Географија во 6-то одделение и тоа со 2 часа, за што претседателот на МГД и членови на друштвото имаат огромна заслуга. Истото предизвика вистинска радост меѓу присутните географи.

Вовториот дел од семинарот, со свои стручни предавања настапија професорите од Институтот за географија: д-р Благоја Маркоски, д-р Ивица Милевски и д-р Олгица Димитровска, како и м-р Горан Китевски.

Слика 2.

На крајот од семинарот беа дадени информации за претстојните натпревари по географија, потоа за Конгресот на МГД кој ќе се одржи во месец септември и др. Овој завршен дел беше искористен за дополнителни прашања, информации и тековни проблеми поврзани со наставниците и наставата по географија. Сите присутни наставници добија сертификат од МГД за присуство на семинарот. Покрај официјалниот дел, настанот беше одлична можност за средба на географите и кратко, но прекрасно дружење.

Се надеваме дека целиот настан, надополнет со пријатното време, ја исполни својата благородна цел и ќе остане во убаво сеќавање на сите нас.

Со желба за повторно убаво и уште помасовно дружење,

д-р Ивица Милевски, во име на:

д-р Благоја Маркоски, Претседателот на МГД,

д-р Билјана Апостоловска Тошевска, секретар на МГД,

д-р Олгица Димитровска.