27 March 2025
АрхиваГеовести

Глобално затоплување – промени и последици

оригинално објавено на: 08 Dec 2011

Глобално затоплување е зголемувањето на просечната температура на воздухот близу до површината на Земјата и на океаните од средината на 20-тиот век и неговото проектирано продолжување. Помеѓувладиниот панел за климатските промени (IPCC) заклучува дека набљудуваниот пораст на температурата од средината на 20-тиот век најмногу се должи на растечките концентрации на гасовите кои го создаваат ефектот на стаклена градина, а се резултат на низа човекови активности како согорувањето на фосилното гориво и уништувањето на шумите. Проекциите на климатски модел изложени во извештајот на IPCC покажуваат дека глобалната температура на земјината површина најверојатно ќе се зголеми за 1.1 – 6.4 ºC во текот на 21-от век. Несигурноста на оваа проценка прозилегува од употребата на модели со различна сензибилност на концентрациите на гасовите кои предизвикуваат ефект на стаклена градина и употребата на различни проценки за идните емисии на овие гасови. Најголемиот дел студии и истражувања се фокусираат на периодот до 2100 година, меѓутоа се очекува глобалното затоплување да продолжи и понатаму дури и ако емисиите на гасови прекинат. Тоа се должи на големиот капацитет на затоплување на океаните и долговечноста на јаглеродниот диоксид во атмосферата. Зголемувањето на глобалната температура ќе предизвика нивоата на морето да се зголемат и ќе се промени количината и распоредот на врнежите. Се очекува затоплувањето да биде најголемо на Арктикот и би било проследено со континуирано повлекување на глечерите, вечниот мраз (permafrost) и морскиот мраз. Други веројатни ефекти претставуваат промените во зачестеноста и интензитетот на екстремните временски прилики, изумирањето на повеќе видови и промени во земјоделските приноси. Затоплувањето и поврзаните промени ќе се разликуваат во различни региони во светот, иако природата на овие регионални варијации е неодредена. Политичката и јавната дебата континуирано го разгледува глобалното затоплување, неговите причинители и кои дејствиа да се превземат како одговор. Повеќето национални влади (187 држави до крајот на 2009-та година) веќе го имаат потпишано Кјото протоколот наменет за намалувањето на емисијата на штетните гасови.

1.      Набљудување и регистрирање на климатските промени

Доказите за затоплувањето на климатскиот систем ги опфаќаат набљудуваните зголемувања на глобалните просечни температури на воздухот и океаните, големото топење на снегот и мразот и зголемувањето на глобалното просечно ниво на морето. Највообичаена мерка на глобалното затоплување е движењето на просечните температури блиску до земјината површина. Изразено како линеарно движење, оваа температура се зголеми за 0.74 ± 0.18 °C во периодот 1906-2005 година, меѓутоа брзината на затоплувањето за време на втората половина од овој период беше скоро дупла во однос на периодот во целост. Температурите во пониската тропосфера се зголемија помеѓу 0.13 и 0.22 °C по деценија од 1979 година, според сателитските мерења на температурата. Се верува дека температурата била релативно стабилна во период од две илјади години пред 1850 година, со регионални варирачки флуктуации како што се средновековниот топол период и малото ледено доба. Проценките на ‘Goddard’ институтот за вселенски проучувања на НАСА и националниот центар за климатски податоци покажуваат дека 2005-та беше најтоплата година откако сигурните, широко применувани мерења со инструменти станаа достапни во доцните 1800-ти години, надминувајќи го претходниот рекорд поставен во 1998-ма година. Глобалната температура е подложна на краткорочни флуктуации кои прикриваат долгорочни движења и можат привремено да ги маскираат. Релативната стабилност на температурата од 2002 до 2009 година претставува една таква епизода. Температурните промени се различни низ светот. Од 1979 година температурите на земјата се зголемија за два пати побрзо отколку температурите на океанот. Исто така северната хемисфера се затоплува побрзо од јужната бидејќи има повеќе копно и поголеми области со сезонски снег и покривка од мраз во морето. Термалната инерција на океаните и бавните одговори на другите индиректни ефекти значат дека на климата и се потребни векови за да се прилагоди на промените во форсирањето. Проучувањата на климата покажуваат дека дури и ако гасовите со ефект на стаклена градина се стабилизираат на нивото од 2000-та година, сепак би се појавило понатамошно затоплување од околу 0.5ºC.

2.      Кои гасови предизвикуваат ефект на стаклена градина? Од каде тие произлегуваат и како се променуваат?

Многу гасови со ефект на стаклена градина, како водената пареа и јаглеродниот диоксид  (CO2), се појавуваат природно. Меѓутоа согорувањето на фосилните горива и другите човекови активности додаваат огромни количини CO2 и други гасови на природната мешавина со побрзо темпо од било кога порано. Други важни гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина произведени од човековите активности се метанот (CH4), азотен оксид (N2O), флуоро-водороден јагленород (HFC) и сулфур хексафлуорид (SF6). Од 1750 година, атмосферските концентрации на CO2, CH4 и N20 се зголемија за 36%, 148% и 18%. Научниците заклучија дека ова примарно се должи на човековите активности.

3.      Кои се последиците од глобалното затоплување?

–          Топлински бранови и периоди на невообичаено топло време

–          Затоплување на океаните, зголемување на морското ниво и крајбрежни поплави

–          Топење на глечерите

–          Затоплување на Арктик и Антарктик

–          Ширење на болести

–          Порано пристигнување на пролетта

–          Опсегот на животните и растенијата се менува, исто како и популацијата

–          Белење на коралните гребени

–          Дождови, обилни снежни врнежи и поплави

–          Суши и пожари

4.      Како климатските промени влијаат на екосистемите?

Некои екосистеми веќе биле под влијание на климатските промени. Како што климата продолжува да се затоплува, главните промени може да се појават во структурата и функцијата на екосистемот, еколошките интеракции и географските опфати на видовите со претежно негативни последици за био-разновидноста. Потоплите температури и промената на врнежите најверојатно ќе влијаат на средината и миграционите шеми на многу видови на диви животни. Опсегот на распоредување на многу видови ќе се промени, со што некои видови кои не можат да се движат или прилагодат може да се соочат со изумирање. Зголемените поплави и суши како дел од климатските промени се предвидува дека ќе го зголемат ризикот за уништување на низа растителни и животински видови.

5.      Примери од природата: Глечерот ‘Athabasca’ во Канада

Глечерот ‘Athabasca’ се наоѓа во канадските карпести планини и како резултат на глобалното затоплување и климатските промени динамично се повлекува со стапка од 2-3 метри годишно. Така во изминатите 125 години овој глечер се повлекол за повеќе од 1,5 километри и загубил повеќе од половината од својот волумен. Овој глечер, кој воедно е најпосетениот во Северна Америка и претставува туристичка атракција, денес е долг 6 km и зафаќа површина од околу 6 km². Меѓутоа со динамиката на климатски промени можно е за два до три века да дојде до негово целосно топење.

Автор: Александар Кирковски

(Статија објавена во 121-от број на списанието “Екологија“)