22 January 2025
АрхиваСвет

ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ ЗАКАНА ЗА ТУРИЗМОТ НА МАЛДИВИТЕ

оригинално објавено на: 26 Dec 2011

Во последните децении се јавуваат интензивни промени на климата како последица на човекот и неговите активности поврзани со испуштањето на штетните гасови во атмосферата кои потоа го предизвикуваат ефектот на стаклена градина и глобалното затоплување на Земјината површина.

Според Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) во текот на XX век температурата на воздухот на Земјината површина се зголемила за околу 0,6ºC. Во периодот што следи (1990 – 2100 година) се предвидува дека средната глобална температура на Земјината површина ќе се зголеми од 1,4 до 5,8ºC. Ваквото глобално затоплување предизвикува постепено топењето на ледниците на Антарктикот и глечерите на планинте и директно влијае врз покачувањето на нивото на морската површина. Така, во периодот од 1961 до 2003 година глобалното просечно ниво на морето се зголемило со просечна годишна стапка од 1,8 mm (од 1,3 mm до 2,3 mm), додека пак во периодот 1993 – 2003 година глобалното средно ниво на морето се зголемило со средна годишна стапка од 3,1 mm (од 2,4 mm до 3,8 mm). (Climate Change Synthesis Report 2007).

Денес, но и во иднина, со покачувањето морското ниво директно ќе бидат погодени сите земји кои имаат ниска надморска височина и кои излегуваат на море, а пример за тоа се Малдивите.

Малдивите се наоѓаат во Индискиот Океан, лоцирани југозападно од Индија. Вкупниот број на острови изнесува 1 192 од кои 197 се населени. Во нив живеат околу 320 000 жители. Со прекрасните бели песочни плажи, бистрите води и живописните корални гребени, палми и топло време, Малдивите во просек секоја година привлекуваат околу  700 000 туристи, речиси двојно повеќе од населението кое живее на нив.

Во текот на 1980 година, туризмот на Малдивите стана еден од најважните сектори на стопанството, односно гранка која генерира најголем раст на стопанството. Денес, туризмот учествува со околу 28 % од БДП и 60 % од девизните сметки на земјата. Но, што од сето тоа кога експертите за климатските промени предвидуваат црно сценарио за судбината на Малдивите во кое тие целосно би исчезнале од географската карта.

Според Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) се предвидува дека средното ниво на морската вода на глобално ниво се очекува да се зголеми од 9 до 88 cm до 2100 година. Според ова сценарио речиси сите острови на Малдивите би биле потопени до 2100 година, затоа што повеќе од 80 % од нивната површина е помала од 1 m надморска височина. Ваквата ниска површина на островите во склоп на Малдивите е доста ранлива и осетлива на поплави и крајбрежна ерозија (присутна на 97 % од населените острови во 2004 година, од кои 64 % биле зафатени со силна крајбрежна ерозија). Повеќе од 45 % од 87 туристичките места се изјасниле дека се зафатени со силна ерозија. Друга негативна карактеристика е тоа што 42 % од населението и 47 % од стамбените објекти на Малдивите се наоѓаат на 100 m оддалеченост од крајбрежниот појас. Повеќето од стамбените објекти немаат адекватна висина од површината на земјата и се изградени од “сиромашен” градежен материјал, така што при поплави стануваат нефункционални места за живеење. Во последните 6 години 90 населени острови биле поплавени барем еднаш, а 37 се редовно поплавувани или барем еднаш годишно.

Порастот на Светското море ќе има негативно влијание на социјалниот и економскиот развој на Малдивите, а особено на стопанските активности кои зависат од крајбрежниот дел, се мисли пред сè на туризмот, рибарството и сл. Исто така сите населени места, индустријата и виталната инфраструктура на Малдивите се наоѓаат во непосредна близина на брегот во границата од 0,8 до 2 m надморска височина. Денес, некои острови се сериозно погодени од покачувањето на морето, особено куќи, училишта и друг вид на инфраструктура, така што наметнува потреба од итни мерки за заштита на крајбрежниот појас затоа што со поплавите се јавуваат и низа други проблеми од типот на недостаток за слатка вода за пиење, појава на разни болести и сл.

Автор на текстот: д-р Дејан Илиев, Институт за географија, ПМФ – Скопје