27 March 2025
АктивностиМакедонија

Географска теренска настава до с. Росоман

оригинално објавено на: 18 May 2012

Во вторник, на 15.05.2012 година се изведе теренска настава со група студенти од трета година на Институтот за географија. Учесниците не ги поколеба ниту студот и дождот. За среќа, временските услови во текот на денот се подобрија, па патувањето беше успешно реализирано. Тоа беше вистински доказ дека упорноста се исплати. Иако првичната предвидена релација беше теренската настава да се изведе до селото Витолиште во Мариово, каде требаше да се видат нагласените демографски промени во просторот, релацијата беше изменета и како крајна дестинација беа Кавадарци и Ваташа. Попатано се посети античкиот град Стоби каде се реализира и предавање од стручен водич. Во продолжение беше направено разгледување на градот Велес, како градска населба со специфична микроположба и изглед. За среќа дождот престана и се создадоа поволни услови за теренско анкетирање во Росоман. Проф. д-р Мирјанка Маџевиќ за таа цел имаше изготвено наменски изработени анкетни листови, со кои студентите имаа можност да ги присоберат сите потребни информации за селската населба. Воедно на овој начин беа дирекно запознаени со пристапот и начинот на теренско истражување на селска населба. По изведеното истражување беа проследени личните искуства на поединци во текот на пополнувањето на анкетниот лист. Во понатамошниот дел од теренската настава беа посетени населбата Ваташа и истоименото излетничко место и градот Кавадарци. Студентите имаа можност да се запознаат со просторните, популациските и функционалните карактеристики на оваа градска населба во Тиквешијата. Со тоа предвидените активности беа реализирани. Студентите уште еднаш имаа можност подетално да запознаат дел од сопствената земја и напосредно да истражуваат. Пропратно следеше пријатна атмосфера, дружење и планови за идни теренски настави во нови простори онака како што тоа им доликува на вистински географи.

Слика 1.
Слика 2.

Подготвил: д-р Билјана Апостоловска Тошевска