3 November 2024
FEATUREDLatestМакедонијаСвет

Географија на моќта на патните исправи

Моќта, односно вредноста на пасошот како патна исправа ја претставува можноста на едно лице да поминува граници надвор од својата држава. Таа моќ на пасошот произлегува од дипломатските односи и статус на државата, економската стабилност и економскиот имиџ, глобалното политичко влијание, и ред други фактори.

Еден од главните критериуми кога се мери моќта на еден пасош е вкупниот број на држави кои дозволуваат на носителот на тој пасош да ја премине нивната граница без да има потреба од дополнителен документ (виза). Се разбира, често не е доволен само вкупниот број на држави кои не бараат виза – за да се појасни сликата, добро е да се увиди конкретно кои држави од оние што бараат и оние што не бараат виза се во таа вкупна бројка.  

Пасошот е официјален документ издаден од страна на државата, со кој еден човек кој преминува граници се идентификува како граѓанин на земјата на која гласи пасошот, со право на заштита додека е надвор од рамките на својата држава, и со право да се врати во земјата на која е граѓанин. Пасошот како документ, покрај другото, содржи опис на носителот, проследен со фотографија за непосредна идентификација. Низ историјата, постоеле различни видови документи и докази со кои индивидуалци патувале безбедно во туѓи држави, додека пасошот во форма како што го знаеме, се појавил и еволуирал во 19 и 20 век.

Виза е официјална белешка или печат во пасошот со кој се овозможува на индивидуалецот да влезе или да излезе од една држава, најчесто поради некоја посебна причина: оттаму и различниот тип на виза – излезна виза, работна виза, студентска виза, и туристичка виза.

Слика 1. ПАСОШИТЕ НА САД И ФРАНЦИЈА КАКО ДЕЛ ОД ТУРИСТИЧКО ПРОМОТИВЕН МАТЕРИЈАЛ
извор: InsureMyTrip

Години наназад, неколку европски држави членки на Европската Унија, предничат во поглед на ваква дипломатска моќ, па скоро и да нема некои посебни промени во поглед на рангирањето на државите од аспект на вредноста на патните исправи. Од друга страна, пак, со помала вредност се одликуваат патните исправи на низа земји од Африка, Југозападна и Југоисточна Азија. Но, за 2024 година, во ова категоризирање, на првото место се наоѓа пасошот на ОАЕ. Неговата вредност изнесува 179, односно: во 134 држави не е потребна виза, додека во 45 држави е потребна виза при пристигнување. Второто место го делат Франција, Германија, Италија, Холандија и Шпанија, со „скор“ од 177. На позиција бр. 3 се: Шведска, Финска, Луксембург, Швајцарија и Австрија. На носителот на пасош на овие земји, не му е потребна виза, или евентуално му е потребна виза при влез во 176 држави. Четвртото место го делат: Белгија, Данска, Португалија, Норвешка, Грција, Полска и Република Ирска. Позиција број пет делат: Сингапур, Британија, Чешка, Унгарија, Република Кореја. Понатаму следат земји како: Јапонија, Нов Зеланд, Литванија, САД, Канада, Австралија итн. Во „топ 10“ се наоѓаат: хрватскиот и словенечкиот (бр. 7) и романскиот и бугарскиот пасош (бр. 9).

Македонскиот пасош го дели 35 место со патната исправа на Р. Турција, со вкупна вредност од 128, односно, со македонскиот пасош може да се влезе без виза, или со виза при влез, во вкупно 128 држави ширум светот.

На самото дно, се наоѓа пасошот на Сирија кој има безвизен простор со вкупно 39 држави. На претпоследното место се наоѓа пасошот на Авганистан со 40, и пасошот на Ирак, кој е доволно вреден за вкупно 42 држави низ светот.

Референци:

Passport Index: https://www.passportindex.org/byRank.php

Henley & Global: https://www.henleyglobal.com/passport-index/ranking

Britannica, The Editors of Encyclopaedia. “passport”. Encyclopedia Britannica, 8 Mar. 2024, https://www.britannica.com/topic/passport. пристапено на:12.3.2024.

Merriam-Webster, Incorporated: https://www.merriam-webster.com/

Автор: доц. д-р Горан Китевски