Вселенскиот телескоп “Хабл” пронајде планетарна маглина во создавање
оригинално објавено на: 07 November 2012
Универзумот е исполнет со мистериозни објекти. Многу од нив се току чудни колку што се убави. Планетарните маглини се најверојатно едни од најфасцинантните објекти кои што постојат на ноќното небо. Ниеден друг тип на објекти во универзумот немаат толку разновидни форми и структури. Вселенскиот телескоп “Хабл” (Hubble) направи впечатлива фотографија на Хен 3-1475 (Hen 3-1475), планетарна маглина во создавање. Планетарните маглини името го добиле по тоа што повеќето од овие објекти личеле на планети кога биле зa прв пат откриени од постарите и примитивни телескопи. Инаку тоа се облаци составени од блескави честици гас кои се шират меѓусебе, а кои што се производ од ѕвезди, слични на нашето Сонце, кои се наоѓаат на крајот од нивниот живот. Овие честици блескаат сјајно заради радијацијата што доаѓа од жешкото компактно јадро, кое што останува откако ѕвездата ќе ја отфрли надворешната обвивка, а јадрото е сеуште доволно моќно за да направи овие честици да блескаат. Секоја планетарна маглина е комплексна и уникатна. Хен 3-1475 е одличен пример на планетарна маглина во создавање, фаза која што е позната помеѓу астрономите како “протопланетарна” или “предпланетарна” небула. Се додека од централната ѕвезда не е отфрлена комплетната обвивка, ѕвездата не е доволно жешка за да ги јонизира честиците од гас и тогаш маглината не сјае. Наместо тоа, го гледаме гасот кој се шири благодарение на светлината рефлектирана од него. Кога обвивката на ѕвездата ќе биде потполно отфрлена, тогаш јадото ќе почне да сјае, ги осветлува честиците од гас и настанува планетарна маглина.

Хен 3-1475 се наоѓа во соѕвездието Стрелец, на околу 18.000 светлосни години оддалеченост од нас. Централната ѕвезда е повеќе од 12.000 пати посветла од нашето Сонце. Најкарактеристична форма на маглината е густ прстен од прашина околу централната ѕвезда и два крака во форма на латинската буква S, коишто се појавуваат од регионите на половите на ѕвездата. Овие два крака се долги одливи на брзодвижечки гас кој што се движи со брзина од стотици километри во секунда. Формирањето на овие биполарни краци од брзодвижечки гас ги збунуваше астрономите подолго време. Како може сферична ѕвезда да формира вакви комплексни структури? Неодамнешните истражувања укажуваат на тоа дека карактеристичната форма и големата брзина на одливот се од централниот извор, кој исфрла струи на гас во спротивни насоки. Тоа е нешто како огромен, спороротирачки распрскувач на вода во градина.
Оваа фотографија е направена со Хабловата широкопојасна камера 3 (Wide Field Camera 3) која што овозможува значително повисока резолуција од претходните набљудувања кои беа направени со широкопојасната и планетарна камера 2 (Wide Field and Planetary Camera 2).
Извор: http://www.sciencedaily.com/releases/2012/10/121011142336.htm
Подготвил: Никола Петрески