22 January 2025
АктивностиАрхива

Во Охрид се одржа 5-та меѓународна конференција на демографи на Балканот

оригинално објавено на: 1.11.2015

Во периодот од 21 до 24 октомври, во хотел “Метропол” – Охрид, Република Македонија, беше организирана петтата по ред меѓународна конференција на демографи на Балканот,  “The population of the Balkans at the dawn of the 21st century”. Конференцијата беше организирана од страна на Економскиот институт од Скопје и Асоцијацијата Demo Balk. На конференцијата учествуваа над 60 научници и истражувачи претежно од земјите од Балканот, (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Србија, Црна Гора, Хрватска), но и од останатите Европски земји, (Италија, Франција, Холандија, Швајцарија), како и претставници од неколку значајни Европски и Светски организации, (The World Bank Group, Eurostat, Unece, The DemoBalk Association). Научниот дел од конференцијата беше реализиран од 21 до 23, кога беа презентирани околу 40 говорни и 9 постер презентации, распоредени во пет сесии кои не се одвиваа паралелно, со што, беше овозможено следење на секое од излагањата. Вториот ден од конференцијата (22.10.) беше наменет за статистичка работилница на која беа презентирани искуствата и резултатите од пописите спроведени во Балканските земји, околу 2010-та година.

Слика 1.

Последниот ден беше резервиран за екскурзија низ стариот дел на градот Охрид, како и посета на Св. Наум со брод. Во неофицијалниот дел на конференцијата имаше можност за запознавање меѓу учесниците, размена на искуства и идеи ú се разбира, дружење. На овој настан, со свој труд (Some features of the population natural growth in the Republic of Macedonia), учествуваа и д-р Мирјанка Маџевиќ, д-р Билјана Апостоловска Тошевска и м-р Марија Љакоска од Институтот за Географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Конференцијата имаше за цел да ја оцени демографската состојба на Балканот во почетокот на 21-от век и да стави акцент на сегашните главни трендови во демографијата и нивното влијание во иднина.

Слика 2.

Подготвила: м-р Марија Љакоска