Викенд предлог: Манастирот Трескавец и Златоврв
оригинално објавено на: 24.11.2017
Манастирот Трескавец се наоѓа на 10 km од градот Прилеп. Се наоѓа на надморска височина од 1280 m, меѓу карпите под Златоврв (1422 m). Манастирот Трескавец е еден од најубавите манастири во Македонија и значаен монашки и духовен центар на Охридската архиепископија.
Во рамките на манастирот се наоѓа и црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Манастирот има свои конаци и трпезарија. Издигнат високо над карпите во планината, дава прекрасна глетка на околните планини Баба, Бабуна и Кајмакчалан, на рамнината Пелагонија, како и на градовите Прилеп, Битола и Крушево.
За манастирот Трескавец може да се каже дека до неодамна претставуваше најнепристапното и најскриеното светилиште во Македонија, затоа што до него можеше да се стигне само со пешачење по тесна, кривулеста патека која поминува покрај неверојатни карпи и различни карстни форми. До манастирот сега има и асфалтиран пат, со што зголемена е пристапноста до истиот.
Манастирот Трескавец се смета дека е подигнат во XIII век, за време на владеењето на византиските цареви Андроник II и Михајло III кои, според фреско-натписот поставен кај влезниот портал, се први донатори на овој манастир. Неговата сложена и разнообразна архитектоника укажува на фактот дека манастирот подлегнал на уривање. Најверојатно, манастирот бил обновен во XIV век, за време на српскиот крал Милутин.
Поседува вредни уметнички предмети како двокрилна врата со плитка резба од 16 век, врвен дострел на македонското средновековно резбарство и припаѓа на познатата Слепчанска резбарска школа. Од 16 век се и царските двери, голем иконостасен крст – космитос од 17 век, работен во резба, и певница работена во инкрустација.
Во манастирот имаат избиено 3 катастрофални пожари, во 1867 година, потоа во 1990 година и последниот во февруари 2013 година, кога целосно изгореле конаците и веќе е започнато нивно обновување. Заканувачка опасност за манастирот Трескавец претставуваа и пожарите кои настанаа во близина на манастирот, во летниот период на 2017 година.
Во непосредна близина се наоѓа и врвот Златоврв.
Златоврв е планински врв непосредно над манастирот Трескавец, во околината на Прилеп. Врвот името го добил поради поставениот громобран на врвот. Громобранот користел златна топка за привлекување на атмосферскиот електрицитет, познато и како „златното јаболко“. Инаку и самото име „Трескавец“ потекнува од фактот што во тоа место има чести и силни грмотевици.
Златоврв – Маркови Кули се протега северно од Прилеп, помеѓу Стара Река и Прилепска Река во североисточниот дел на Пелагонија. Претставува природна целина со површина од 50 km2. Златоврв е висок 1422 m.
Има исклучително природни вредности, а тоа се најразновидните денудациони облици. Овие вредности според бројноста, манифестацијата и изразеноста на Златоврв претставуваат раритетна појава, која ги надминува и балканските граници. Затоа Златоврв – Маркови Кули е ставен на привремената листа на УНЕСКО во Париз за заштита на природното наследство.
Манастирот Трескавец е често посетувано место од страна на жителите на Прилеп, како и од страна на домашни и странски туристи. Голем придонес за тоа има и одржувањето на Болдеринг маратонот „Крале Марко“. Овој маратон се одржува на локалитетот Трескавец, чија погодност одговара за искачување по карпи.
Извори:
macedonium.org
istrazijamakedonija.com.mk
oldprilep.com
wikimapia.org
prilep.gov.mk
Изработи: Илија Ристески
Корекција: Билјана Бабаноска