Викенд предлог: Бигорски Манастир и „Куќата на Мијаците“
оригинално објавено на: 04.11.2017
Во Националниот парк Маврово, на падините на планината Бистра, веднаш над реката Радика, во близина на селото Ростуше, на патот помеѓу градовите Гостивар и Дебар, се наоѓа манастирот „Свети Јован Бигорски” кој е посветен на светиот Јован Крстител. Манастирот е изграден од обработени блокови бигор. Подигнат бил во XI-тиот век, но оттогаш неколкупати бил опустошуван, пален и разрушуван до темел. Единствено иконата на Св. Јован Крстител останала неуништена и сeуште е зачувана.

Сегашниот манастирски храм датира од крајот на XVIII-ти и почетокот на XIX-ти век, архитектурата на Бигорскиот храм е во Византиски стил.
Манастирскиот комплекс го сочинуваат неколку градби. Горни Палат и Источен Палат се монашки конаци, додека Долни Палат кој порано бил Момочки конак, сега се користи за прием на гости. Друга впечатлива градба која се наоѓа јужно од црквата е манастирската костурница, во која се наоѓаат черепи на упокоените монаси, кои во периодот на комунизмот биле сокриени во земјата под подот на костурницата.
Овој манастир освен што е познат на локалните жители, исто така е посетуван од голем број на туристи од различни држави, со што придонесува за развој на религискиот туризам и општо на туризмот во Република Македонија.
„Куќата на Мијаците“ е првиот етно-ресторан посветен на мијачката култура и традиција. Всушност, „Куќата на Мијаците“ претставува нешто повеќе од етно-ресторан, своевиден ресторан-музеј на мијачката култура, изграден целосно во духот на мијачката неимарска традиција. Се смета дека славното мијачко племе, коешто ги дало нашите најистакнати црковни, просветни, културни и општествени дејци, потекнува од некој древен царски или благороднички род. Во прилог на оваа претпоставка е и високоразвиената духовна и материјална култура на Мијаците. Како трговци, печалбари, работници, уметници, Мијаците умееле да го впијат најдоброто и најубавото од различните култури со кои се среќавале, и наученото да го практикуваат во својот секојдневен живот. На тој начин се создала една посебна мијачка култура.

„Куќата на Мијаците“ е составена од приземје и два ката. Има четири гостински соби за преноќување. Другите два ката се наменети за ресторанот со повеќе простории, украсени со традиционални дрвени таваници и розети, камини, мозаици, складно разиграна орнаментика во преродбенски стил, карактеристична за мијачките простори од XIXти век, старински лустери и ламби, дрвени миндери и паравани. Дополнителен принос за автентичноста на амбиентот е и тоа што персоналот е облечен во стилизирани мијачки носии.
„Куќата на Мијаците“ со својата автентичност, оригиналност, традиционалност, одличниот амбиент, вкусната храна и познатите македонски специјалитети освен што е почитување на една традиција, е и уште еден потенцијал за привлекување на туристи.
Географската положба и пристапноста на самиот комплекс нудат неповторливи природни глетки кон Националниот парк Маврово, како и недопрената природа околу комплексот, што прави да биде вредно културно богатство на Република Македонија.
Извори:
bigorski.org.mk
exploringmacedonia.com
fashionel.mk
kukjanamijacite.mk
macedonia-timeless.com
makedonskibiser.com.mk
religija.mk
Автор: Билјана Бабаноска