22 January 2025
АрхиваМакедонија

Бања Банско, азотна терма и воздушно лекувалиште

оригинално објавено на: 16.10.2017

Струмичка бања или уште позната под името Бања Банско се наоѓа 12,5 километри југоисточно од Струмица, на источниот крај од селото Банско. Термоминералните извори се во самото подножје на планината Беласица, помеѓу реката Дерман од запад, планинската коса Манастир од исток и рамното Струмичко Поле – месноста Кокошинка од север. Бањските објекти се изградени на речната тераса создадена од Дерманска Река, на надморска височина од 270 m. Од овде се протега прекрасна глетка кон поголемиот дел на Струмичка Котлина од една страна и спрема стрмната, со густа шума покриена Беласица од друга страна.

Термоминералните извори во Банско се наоѓат на терен составен од шкрилест старопалеозојски гранит покриен со пролувијални наслаги. Хипертермалната појава се јавува на релативно мал простор во вид на термални извори.

Најголем извор е Парило (40 l/sek) со температура од 72°С. Според количината на топла вода која извира, изворот Парило го зазема третото место во Р. Македонија, по Косоврасти и изворот Нова Каптажа во село Бањиште – Дебарски бањи. Во однос на температурата, Парило има највисока температура на водата во Р. Македонија. Хемискиот состав на водата е натриумско-сулфатен, со различна минерализација. Минерализацијата на изворот Парило изнесува 1105 mg/литар. Овие води содржат најмногу анјони на сулфати и хидрокарбонати, а од катјоните – натриум и калциум. Понатаму, содржи растворени оксиди како манган и силициум диоксид и алуминиуов оксид. Присуството на растворени гасови не е големо, а слаба е и концентрацијата на слободни гасови, освен азот кој се јавува во значитална мерка и има особено значење. Поради тоа, бањата ја нарекуваат азотна терма. Водата од овие извори содржи и поголем број ретки елементи од кои најзастапени се: флуорот, рибидиумот, цезиумот, литиумот и други.

Бања Банско денес претставува модерен туристичко бањски центар со повеќе сместувачки капацитети. Тоа пред се се должи на поголемите финансиски средства кои се вложуваат овде од страна на приватниот сектор, кој се труди ова место да го направи што попривлечно за посетителите.

Базените со природна вода со топлина од 72°С се користат во хотелот „Цар Самуил“, каде може да се проба и јајце кое е сварено во топлите извори а истото е со специфичен вкус. Добрата посетеност на хотелот се должи на тоа што истиот располага со два базени и тоа едниот е полуолимписки и служи за рекреација, а другиот е за терапија. Во хотелот работат двајца лекари специјалисти – физијатри и 12 физотерапевти, масери и медицински сестри. Обилноста и температурата на водата не се менува што е од посебно значење за нејзиното искористување.

Слика 1.

Просторот на кој се наоѓа Струмичката Бања располага со многу бројни природни атракции и историски елементи . Од нив за здравствено-туристичка експлотација од посебна важност се лековитите својства на водата, климата и пејсажните одлики. Лековитите својства се од примарно значење. Тие директно зависат од физичко-хемиските својства на термоминералната вода. Од историските елементи овде е откриена Римската бања која датира уште од 3 – от век и игра голема улога за развојот на туризмот.

Лековити својства на водата

Лековитите својства на термоминералната вода во село Банско, на месното население му се познати многу одамна. Денес се знае дека лековитото дејство на водата произлегува од: сложениот хемиски состав, големата концентрација на натриум и сулфат, присуството на ретки минерали, содржината на растворени гасови, особено азот и јаглен диоксид и радиоактивноста. Според досегашните истражувања утврдено е дека термоминералната вода од Банско, преку пиење и капење со успех ги лекува следниве болести кај човекот:

  • Сите видови на дегенеративен ревматизам
  • Заболување на желудникот
  • Заболување на дванаесетпалечно црево (чир)
  • Заболување на цревата
  • Воспаление на жолтната ќесичка и жолчните патишта
  • Заболување на срцето и крвните садови (состојби особено по прележан срцев удар)
  • Трауматски повреди на костозглобниот систем
  • Хормални нарушувања и алергии
  • Есенцијална хипертензија – покачен крвен притисок
  • Слабокрвност
  • Состојби по прележана жолтица
  • Воспаление на јајниците и други гинеколошки заболувања
  • Наследни крвни заболувања
  • Состојба по прележана малерија

Климатски карактеристики

Наоѓајќи се на преодот од високата Беласица и пространата Струмичка Котлина, Струмичката Бања има изразито погодна клима. Ова придонесува престојот во бањата да биде пријатен и е значаен фактор во развојот на здравствениот туризам. За Бањските локалитети мошне значајни се локалните ветрови. Поради специфичната местоположба, нивното присуство доста е забележително, бидејќи тие се носители на свеж и пријатен воздух. Од анализата на поедини климатски елементи може да се заклучи дека Струмичката Бања се наоѓа во предел кој има мошне пријатна клима. Овде зимите се благи, а летата, особено околу банските локалитети не се премногу топли. Присуството на планината Беласица предизвикува постојана циркулација на воздухот, кој преку ден на посетителите влијае смирувачки и овозможува пријатни прошетки, а преку ноќ мирен и длабок сон. Чистиот и свеж воздух ова место го прави не само бања, туку и воздушно лекувалиште.

Римска бања

Бања Банско претставува Римска бања, која е термоминерално лекувалиште од античко време. Пронајдени се многу стари предмети, како стари пари со ликот на Цар Константин, стари керамиди, ќумци – преку кои водата од топлиот извор е спроведувана кон селото и со ископувањето на старата римска бања која е од трети век. Била откриена во 1978 година при копањето на темелите за хотел Цар Самуил. Локалитетот „Римска терма” е еден од најсочуваните римски споменици од ваков вид во Европа. Се наоѓа во с. Банско, 12 km југоисточно од Струмица, под падините на планината Беласица.

Денес бањата има 11 простории со вкупна површина од 623 m кв. Зачуваноста е најизразена во просторијата која служела како сауна, а во просторијата која служела како фригидариум постои базен кој бил полнет со ладна вода, додека куполата над кадата е се уште зачувана. Во сите откриени простории целосно се зачувани подовите градени од тула и малтер. На објектот, кој е цел за посета на сите туристи во Струмица и струмичко, останал и комплетниот систем на подното и ѕидното затоплување со сите негови елементи.

Извор: mk.wikipedia.org; www.arheo.com.mk

Подготвила: Марија Василева